Слично како пред две години, пред Партизан е период на големи одлуки и како што стојат работите, белградскиот клуб најверојатно повторно ќе направи голем ремонт на својот тим.
Завчера за „црно-белите“ заврши оваа сезона и тоа без ниеден освоен трофеј бидејќи во финалето од АБА лигата загубија од Дубаи со 1-3. Веднаш по поразот на домашен терен, Двејн Вашингтон соопшти дека си оди, извесно е дека ќе си замине и Стерлинг Браун, а покрај нив си одат и Шејк Милтон, Ник Калатес и, најверојатно, Исак Бонга.
Германскиот репрезентативец по се изгледа ќе се пресели во новиот европски шампион Олимпијакос кој му понудил два милиони евра годишно. Неговото заминување ќе му донесе приход и на Партизан бидејќи Бонга има договор и за следната сезона, со откупна клаузула од 700 илјади евра за европските и 850 илјади за НБА клубовите.
Извесно е дека во Партизан нема да се врати ни Џабари Паркер иако и тој има договор за идната сезона, а ќе си замине и Бруно Фернандо кој не е задоволен од ситуацијата во која функционира клубот. Единствениот за кој досега е потврдено дека ќе остане е Тонје Џекири, а веројатно тука ќе биде и Жофри Ловерњ кој дојде пред крајот на сезоната и играше само во домашното првенство.


