Партизан продолжува да го засилува ростерот, а најновото име во редовите на белградскиот гигант е американскиот крилен центар Роберт Френкс, чиј договор е објавен неколку часа откако „црно-белите“ ја победија Црвена Звезда во дербито на Евролигата.
Тој пристигнува во Белград по настапите во неколку странски првенства, а неговото ангажирање треба да му донесе дополнителни опции на тренерот Жоан Пењароја во играта под кошевите.
Френкс има 30 години, висок е 201 сантиметар, а професионалната кариера ја започна во 2019 година, по четиригодишниот престој на Универзитетот Вашингтон Стејт. Иако не беше избран на НБА-драфтот, успеа да се избори за професионален ангажман во Соединетите Американски Држави и да стигне до најсилната кошаркарска лига во светот.
Во 2021 година настапуваше за Орландо Меџик, за кој одигра седум натпревари во НБА-лигата. Во истиот период го носеше и дресот на развојниот тим Лејкленд меџик, со кој ја освои шампионската титула во развојната НБА лига. По американската авантура, Френкс ја продолжи кариерата во Австралија, каде што настапуваше за Бризбејн булетс и Аделаида 36ерс. Подоцна играше и за израелскиот Хапоел Гилбоа Галил, јапонските Нагoја и Ибараки, како и за кинескиот Нанџинг, од каде што доаѓа во Партизан.
Негова најголема предност е разновидноста во нападот. Френкс може да поентира во рекетот, но и да ја рашири играта со шутот за три поени, што е особено важно за современите крилни центри. Дополнително, може да придонесе во скокот и да покрие повеќе позиции во високата линија.
Сепак, пред Френкс е нов предизвик. Иако има НБА искуство и настапувал во повеќе првенства, досега нема играно во Евролигата, па адаптацијата на европскиот стил на кошарка ќе биде важен дел од неговиот почеток во Белград.
Партизан се одлучи за неговиот ангажман во период кога му е потребна поголема ротација во високата линија поради проблемите со повредите на неколку кошаркари. Френкс треба да донесе дополнителна ширина, физичко присуство и поефикасен напад од позицијата крилен центар.
Френкс е втор поранешен НБА играч кој потпиша за Партизан оваа недела, по Антонио Ривс кој во средата стана член на белградскиот клуб.


