Екипата на Партизан е на само еден чекор од осмата шампионска титула во АБА лигата откако вечерва на домашен терен ја совлада Будуќност со 83-67.
По она што се случуваше на првите два меча, веројатно малкумина очекуваа толку лесно „црно-белите“ да дојдат до втората победа во серијата, но кошаркарите на Жељко Обрадовиќ го одиграа најдобриот натпревар досега. Првото полувреме беше како пресликано од вториот дуел, Партизан на голем одмор замина со +12 (49-37), но сега знаеше таа предност да ја сочува.
Будуќност се закани, стигна до 51-56, подоцна и до 59-63, но не го комплетира пресвртот. Домаќините го амортизираа ударот со серија од четири поени за во последниот период да се разигра Ифе Лундберг кој со две тројки го однесе Партизан на огромни 75-59. Нешто подоцна Данецот погоди уште една тројка за највисоки 79-61 и тоа значеше тотален нокаут за црногорскиот тим.
Лундберг и Карлик Џонс беа најефикасни кај Партизан со по 14 поени, Браун додаде 13, а Тајрик Џонс оствари дабл дабл со 12 поени и 10 скока На спротивната страна Суламон стигна до 20 поени, но запрен беше МВП од основниот дел од сезоната Мекинли Рајт кој остана на само девет.
Четвртиот и можеби последен натпревар од серијата се игра в четврток, повторно во Белград. Со евентуална победа, Партизан ќе ја освои осмата титула, а ако триумфира Будуќност, ќе се избори за „мајсторка“ во Подгорица.


