Најтрофејните српски екипи Партизан и Црвена Звезда ќе играат финале и во трето натпреварување оваа сезона.
Откако се бореа за титулите во Купот на Србија и во АБА лигата, белградските ривали ќе се сретнат и во серијата за трофејот во српското првенство. Црвена Звезда без проблеми го совлада ФМП со 2-0, а Партизан мораше да игра „мајсторка“ против Мега од кого го загуби вториот меч.
На денешниот дуел, „црно-белите“, сепак, не дозволија изненадување и славеа со 96-68 за прво финале во домашното првенство по 2019 година. Партизан не триумфирал во шампионатот на Србија точно една деценија, а Звезда се наоѓа во серија од осум титули.
Финалето почнува на 3 јуни, предноста на домашниот терен ќе ја има Црвена Звезда, а шампион ќе биде тимот што прв ќе дојде до две победи.


