Вечерва почнува финалната серија од српското кошаркарско првенство во кое се среќаваат екипите на Партизан и Спартак.
„Црно-белите“ ја имаат предноста на домашен терен и вечерва во Пионир ќе го пречекаат ривалот од Суботица, но изненадување се квотите кои ги објавија обложувалниците во пресрет на овој меч. Според нив, фаворит е Спартак на кого квотата е 1,75, додека за Партизан изнесува 2 и покрај тоа што ќе биде домаќин.
„Црно-белите“ никогаш вака не биле потценети во домашното првенство, но и за ова има објаснување. Партизан во овој плејоф игра без огромен број стандардни кошаркари, а на клупата не е ниту Жељко Обрадовиќ, туку неговиот помошник Богдан Караичиќ.Дел од ѕвеездите во тимот беа ослободени по завршувањето на сезоната во АБА лигата, а некои се повредени, па против ФМП во полуфиналето, голема минутажа добија играчи од јуниорскиот тим, на возраст од 17 и 18 години кои имаа и огромна заслуга за триумфот со својата игра.
Најавено е дека можеби Покушевски и Вашингтон ќе бидат во комбинација за вечерашниот дуел бидејќи се чувствуваат подобро по повредите кои ги доживеаја неодамна.


