Српскиот и АБА шампион Партизан им соопштил на Франк Нтиликина и Ајзеа Мајк дека можат да си побараат нови клубови до почетокот на новата сезона бидејќи Жељко Обрадовиќ не смета на нив, тврдат медиумите во Србија.
Двајцата имаат важечки договори со Партизан за претстојната сезона, но извесно е дека за нив нема место во тимот кој летово се засили со тројца кошаркари. Најважно од се е тоа што ни Нтиликина и Мајк минатата натпреварувачка кампања немаа којзнае каков ефект во тимот и заедно просечно постигнуваа вкупно 10 поени со 3,9 скока.
Во исто време, грчки медиуми тврдат дека „црно-белите“ се на пат да го решат проблемот на центарската позиција со досегашниот кошаркар на Њу Орлеанс Пеликанс, Мо Бамба кој е без екипа и слободен во изборот на нова средина. Бамба, кој е роден во Њујорк, но игра за репрезентацијата на Брегот На Слоновата Коска, беше избран како шести пик на драфтот во 2018 година од Орландо Меџик, првите пет сезони од кариерата ги помина во тимот од Флорида, а потоа, за две години помина низ пет екипи: Филаделфија 76, Лос Анџелес Клиперс, Сан Диего Клиперс, Бирмингем Сквадрон и Њу Орлеанс.
Во случај да не излезе ништо од преговорите со Бамба, Партизан останува во игра за Оскар Шибвеј и Чарлс Бејси за кои исто така е заинтересиран.


