Екипата на Партизан оствари убедлива победа во својата официјална премиера во новата сезона, совладувајќи го Борац со 96-66.
И покрај големата разлика во квалитет, „црно-белите“ се однесуваа како да се работи за финале во Евролигата, а дополнителна сила им дадоа над 18 илјади навивачи кои ја исполнија белградската Арена. Гостите беа колку-толку рамноправни во првото полувреме кое му припадна на Партизан со 46-36, но во вториот дел на теренот постоеше само еден тим.
Одлучувачка беше третата четвртина која Партизан ја доби со 31-12 и во тој период ја надмина границата од 30 поени разлика. До крајот, тренерот Жељко Обрадовиќ ја искористи можноста да им даде минутажа на сите кошаркари кои ја сочуваа убедливата предност.
И во второто коло Партизан има релативно лесна задача бидејќи ќе се сретне со дебитантот во АБА лигата Спартак, но вистинскиот тест ќе го има идната недела, во првото коло од Евролигата против Басконија во Виторија.


