Во текот на јануари во белградската Арена ќе се одржи Европско првенство во ватерполо поради што Партизан ќе мора да бара алтернативно решение каде ќе ги пречека своите ривали во Евролигата и во АБА.
Клубот одамна ги разгледува опциите, а претседателот Остоја Мијаиловиќ најави дека е можно еден од натпреварите да игра во Виена и тоа против Олимпијакос.
„Принудени сме да играме три натпревари надвор од дома и бараме голем кошаркарски град каде имаме голема дијаспора и нашин навивачи. Сериозно размислуваме за Виена каде живеат многу Срби, водството на градот ни излезе во пресрет и најдоцна за еден месец треба да потврдиме дали ќе играме таму или на друго место“, изјави Мијаиловиќ.
Виена од оваа година ќе има (истоимен) тим во АБА лигата, па евентуалната организација на евролигашки натпревар ќе придонесе за промоцијата на кошарката во градот. Во австриската престолнина има арена со капацитет од 16 илјади места и таа ги исполнува стандардите на Евролига, а воедно не е многу далеку од Белград.


