Црногорскиот првак Будуќност израмни на 1-1 во финалето на АБА лигата откако вечерва го победи Партизан со 84-73 во вториот меч на домашен терен.
Тимот од Подгорица одигра фантастично второ полувреме во кое не само што ја анулира негативата од 10 разлика, туку стигна да оствари и двоцифрена победа. Партизан тотално се изгаси во вториот дел, особено во третата четвртина во која постигна само 10, а прими 25 поени. Навивачите на Будуќност со право се разочарани што нивниот тим сега не води со 2-0 затоа што на претходниот натпревар црногорскиот тим испушти +8 во последната минута и загуби по продолжение.
Тогаш недостасуваа поените на повредениот Мекинли Рајт кој вечерва стигна заби и одигра извонредно, постигнувајќи 14 поени, најголем дел од нив во тешките моменти. Најефикасен беше Омиќ со 15, но придонес во триумфот имаа сите кои се појавија на теренот. Карлик Џонс и Стерлинг Браун со по 16 поени го предводеа Партизан.
Следните два натпревара се играат во Белград, во вторник и четврток, па Партизан има шанса пред своите навивачи со две победи да го затвори финалето и да ја освои рекордната осма титула во АБА лигата.


