Поранешниот европски шампион Партизан ја оствари петтата победа победа по ред и седма сезонава во Евролигата откако вечерва славеше на гостувањето кај Алба со 91-90.
Натпреварот во кој можеше да се види од се по нешто, беше решен во последните секунди, а Партизан на чудесен начин се врати од бездната во која се наоѓаше. Иако на почетокот од последната четвртина водеа со 11 разлика, „црно-белите“ дозволија во финишот Алба да направи серија од 9-0 и на нешто повеќе од минута пред крајот да поведе со 88-84.
За среќа на Партизан, Вања Маринковиќ погоди тројка, потоа Карлик Џонс погоди две слободни фрлања за водство од 89-88 по што Мекормак реализира само еден „пенал“ за израмнување на резултатот. Во клучниот напад повторно погоди Карлик Џонс, но и тоа не помина без драма. За Алба останаа нешто помалку од две секунди, домашните играчи се обидоа да поентираат со „цепелин“, но Маринковиќ го фаулираше Мекормак. Американецот погоди само еднаш и тоа несакајќи, па Партизан успеа некако да дојде до победата.
Карлик Џонс беше најефикасен со 24 поени, Тајрик Џонс додаде 20, а Браун 18. Трагичар Мекормак ја предводеше Алба со 16 поени. Партизан сега има биланс 7/8 и е многу блиску до топ-10, додека германскиот тим остана на претпоследната позиција на табелата со само три победи.


