Екипата на Партизан е победник на подготвителниот турнир на Сицилија откако во вечерашното финале го совладаа домаќинот Трапани со 89-61.
Лошите услови за игра и големата влага во салата придонесоа мечот да трае повеќе од два часа, но „црно-белите“ подобро се снајдоа и дојдоа до триумфот. Се беше решено во третата четвртина во која Партизан отиде на +20 и покрај тоа што цело прво полувреме се мачеше со својата игра и дури во неговиот финиш отиде на +9 (42-33).
Лундберг беше најефикасен со 21 поен, но на финалниот меч не играше Тајрик Џонс кој вчера се пожали на повреда и Жељко Обрадовиќ не сакаше да ризикува со него. Во полуфиналето Партизан беше подобар од Дертона со 96-94 по продолжение.
Партизан зад себе има четири меча на подготовките и исто толку победи, остварени против Игокеа, Енисеј, Дертона и Трапани. Му претстои турнир на домашен терен идниот викенд на кој ќе учествуваат Париз и АЕК и уште еден меч потоа, против Панатинаикос во Атина.


