Екипата на Мега е втор финалист во Купот на Србија откако денеска оствари историска победа против Партизан.
Младиот тим предводен од Вуле Авдаловиќ го разнесе евролигашот со 22 поена разлика (80-58) што е највисок триумф во меѓусебните дуели со некогашниот европски шампион кој сезонава игра ужасно во сите натпреварувања. На „црно-белите“ не им помогна ни прекинот во последната четвртина кој го предизвикаа нивните навивачи бидејќи по паузата од околу еден час, Мега одигра уште подобро.
Во целото второ полувреме Партизан постигна едвај 22 поена, а и овој биланс ќе беше уште послаб ако не беа трите тројки во серија во финишот, кога победниот веќе се знаеше. „Црно-белите“ вчера се спасија од ФМП по продолжение иако беа пред колапс, но денеска не можеа против разиграниот противник.
Ова е шести пласман во финалето за Мега која има и еден трофеј, освоен пред точно една деценија. Противник таму ќе ѝ биде Црвена Звезда која попладнево го совлада Спартак.


