Српскиот и АБА шампион Партизан планира во новата сезона неколку натпревари како домаќин да одигра надвор од Белград, но и надвор од Србија.
Причина за тоа е Светското првенство во ватерполо што во јануари ќе се одржи во српската престолнина, поточно во белградската Арена. Црвена Звезда во тој период најверојатно ќе ги пречека своите ривали во „Пионир“, додека Партизан има други планови.
„Планираме неколку проекти за новата сезона, а еден од нив е да играме како домаќини во други држави. Станува збор за земји или градови кои не се кошаркарски центри, но ние сме некако врзани за нив. Знаеме дека тоа ќе биде специјална можност за овие градови, за Партизан, за српската дијаспора и за нашите фанови“, изјави претседателот на Партизан, Остоја Мијаиловиќ.
Тој не потенцираше кои држави се во комбинација, но се претпоставува дека станува збор за Австрија и Швајцарија каде има бројна српска дијаспора.


