Италијанскиот шампион Олимпија Милано му ја продолжи агонијата на Партизан, совладувајќи го во белградската Арена со 88-81 со што му го нанесоа шестиот пораз во низа во Евролигата.
„Црно-белите“ повторно потфрлија и покажаа дека се далеку од воигран колектив и по десет одиграни кола имаат биланс 2/8. Денеска не успеаја да триумфираат и покрај тоа што во втората четвртина имаа предност од 12 поени разлика (38-26). Клучна беше серијата од 7-0 на Олимпија Милано кон средината на последната четвртина по која италијанскиот шампион поведе со 82-76. Партизан имаше шанса во финишот, се доближи на еден посед (79-82), но не го искористи најважниот напад и се отиде во неврат.
Партизан сега е без победа во Евролигата безмалку еден месец бидејќи последен пат триумфираше на 17 октомври кога формално беше гостин, но натпреварот се одигра во Пионир, во Белград. Следен ривал ќе му биде Црвена Звезда која на стартот од сезоната е далеку посериозен тим и со поголеми шанси да стигне до плејофот.
Македонскиот репрезентативец Ненад Димитријевиќ немаше голем придонес во победата на неговиот тим. На теренот помина само девет минути, цело второ полувреме го преседе на клупа, а постигна три поени и тоа првите на натпреварот за 3-0 за Олимпија Милано.
РЕЗУЛТАТИ
Жалгирис – Фенербахче 65-72
Барселона – Париз 87-103
Партизан – Олимпија Милано 81-88
Виртус – Панатинаикос 77-82


