Новиот сениорски репрезентативец на Македонија, Павел Иванов претстојната сезона ќе игра во НЦАА лигата откако летово одлучи да го смени колеџот.
Претходната натпреварувачка кампања тој беше дел од Бартон Универзитетот од Канзас кој се натпреварува во ЈУКО (JUCO) лигата која е развојна и во која порано се натпреварувал Ти Џеј Шортс, а во новата сезона ќе го носи дресот на Сентрал Оклахома. Оваа екипа игра во втората дивизија во НЦАА, а Иванов во тоа гледа можност за сопствен развој и напредок во кариерата.
„Имав понуда од Стоунхил, од Масачусетс кој се натпреварува во првата дивизија на НЦАА, но го одбрав Сентра Оклахома поради минутажата и сигурно поголемата улога во тимот“, рече Иванов.
Крилниот играч има 21 година и ги помина сите младински репрезентации на Македонија, учествувајќи притоа и на европски првенства. Пред пет дена дебитираше за сениорската репрезентација во дуелот со Ирска и ги постигна првите поени, а во неделата играше и во Луксембург. Пред да замине во САД, играше за Кожув, а ја мина младинската школа на Вардар со која освои и низа титула во домашните првенства. Како играч на Бартон минатата сезона, просечно постигнуваше по 19,2 поена, 10,8 скока и 2,5 блокади по натпревар.


