Откако минатиот викенд се закити со трофејот во Суперкупот на Македонија, МЗТ Скопје ја почнува можеби најтешката сезона за еден македонски клуб во историјата.
Актуелниот шампион ќе настапува во дури три натпреварувања, но за разлика од порано кога при учество во странство беше ослободен од домашното првенство, сега ќе игра и во Суперлигата. Октомври ќе биде вистински тест за способностите на МЗТ Скопје бидејќи момците на Васко Атанасов го очекуваат неверојатни десет натпревари.
Пеколната серија почнува утре со дербито против МКК Куманово на домашен терен, а до крајот на октомври следуваат уште дуели со Кожув, ТФТ, Струмица и Пелистер во домашното првенство, Сутјеска во АБА 2 и Ираклис, Тарту, Вирцбург и АЕК Ларнака во ФИБА Европа купот.

Од сите овие натпревари, можно е да биде одложен само мечот против Струмица бидејќи доаѓа во незгоден период, меѓу дуелите со Сутјеска на 24 и АЕК Ларнака на 27 окромври. Ако може да се најде нешто позитивно во овој случај, тоа е фактот што повеќе од половина натпревари (шест), МЗТ Скопје игра во својата арена.


