Со дуелот меѓу Анадоли Ефес и Ерокспор вчера почна новата сезона во турското првенство во која првпат ќе работи најуспешниот македонски стручњак Емил Рајковиќ.
Во текот на летото тој беше претставен како нов тренер на турскиот прволигаш Тофаш од Бурса што е негов прв ангажман по пауза од нешто повеќе од една година, односно по заминувањето на ЦСКА. Минатата сезона Тофаш ја заврши на четвртата позиција, но потоа, иако имаше предност на домашен терен, испадна во четвртфиналето од плејофот, од Бахчешехир.
Рајковиќ ќе се обиде оваа сезона да го поправи тоа, а освен во домашното првенство, ќе го води Тофаш и во Лигата на шампионите на ФИБА каде за противници ги има Тенерифе, Бнеи Херцлија и Трапани. Дебито на клупата на Тофаш, македонскиот стручњак ќе го има вечерва од 19:30 часот на домашен терен и тоа против актуелниот турски и европски шампион Фенербахче.
„Креиравме нов тим со многу нови играчи и ќе пробаме да се најдеме себеси. Главна цел ќе ни биде да играме добра одбрана, со контранапади и да ги искористиме можностите кои ќе ни ги дадат нашите ривали. Генерално, турската лига е многу тешка, а на почетокот имаме многу тежок распоред и ги повикувам нашите навивачи да ни дадат поддршка, но и во исто време да ни дадат време бидејќи е потребен извесен период да се сложат коцките и да играме како што посакуваме“, изјави Рајковиќ пред почетокот на сезоната, односно пред вечерашниот меч со Фенербахче.
Тофаш имаше исклучително квалитетен подготвителен период, одигра десетина пријателски натпревари меѓу кои и со литванскиот првак Жалгирис и турскиот вицешампион Бешикташ и останува тоа што го работеше во текот на летото да го пренесе на официјалните дуели.


