Македонскиот вицешампион Пелистер во четири дена доживеа два пораза со што делумно ја расипа сликата од почетокот на сезоната во која влезе со неуспех во Суперкупот, но и со три победи во низа во првенството и една во АБА 2 лигата.
Синоќа битолчани загубија од Џокер во регионалното натпреварување со што ги намалија шансите за пласман во следната фаза. Сепак, во клубот се оптимисти дека лошата серија брзо ќе помине и дека Пелистер останува кандидат за највисок пласман во домашната кошарка.
„Резултатите на последните два натпревара не се онакви какви што сите посакувавме, но тоа не го менува фактот дека Пелистер поседува фантастичен играчки ростер и стручен што со кој може да атакува на највисок пласман на домашната сцена.
Оваа мини-криза експресно ќе биде надмината, а вистинската реакција од тимот ја очекуваме веќе в сабота. Пелистер ќе го покаже своето вистинско лице и ќе се врати на победнички патеки“, порачаа од редовите на вицешампионот.
Следен противник на Пелистер е Кожув, а потоа се среќава со Феникс и Шкупи што е добро можност екипата на Александар Петровиќ да влезе во нова победничка серија.


