Попладнево во бугарскиот град Самоков почнуваат квалификациите за ФИБА Лигата на шампионите, а по пауза од три години, Македонија ќе има свој претставник во нив.
Во оваа фаза ќе игра битолскиот прволигаш Пелистер кој првпат во својата историја ќе учествува во натпреварувањата на ФИБА. По неколкуте изданија во АБА 2 лигата, ова ќе биде нова страница во постоењето на клубот, трикратен вицешампион на Македонија и двоен финалист во националниот Куп.
Пелистер ќе биде трет македонски клуб кој ќе учествува во квалификациите за Лигата на шампионите, по Карпош Соколи во 2017 и ТФТ во 2022 година. Интересно е тоа што со две од овие три учества на македонски екипи е поврзан Боро Даскаловски кој во 2017 година беше шеф на стручниот штаб на Карпош Соколи, а од неодамна е на Пелистер. Ниеден од досегашните македонски претставници не успеа да ги помине квалификациите, Карпош Соколи пред осум години беше тесно елиминиран од естонскиот Калев Крамо, а ТФТ во 2022, кога беше и организатор на квалификацискиот турнир, загуби на стартот од Кемниц во чиј стручен штаб и тогаш и сега е Ѓорѓи Кочов. Разликата беше во тоа што Карпош Соколи по елиминацијата од ЛШ продолжи во ФИБА Европа купот, додека ТФТ одлучи да се посвети на АБА 2 лигата.
Пелистер летово направи коренити промени во тимот, во надеж дека конечно ќе успее да освои еден трофеј во домашната кошарка, а и ќе се претстави во што е можно подобро светло на меѓународна сцена. Донесе седуммина нови кошаркари од кои еден во меѓувреме си замина, па на негово место се очекува друг. Дојде репрезентативец и еден од најдобрите македонски кошаркари во моментов Андреј Митревски, се врати српскиот интернационалец Никола Малешевиќ, а останатите четворица што останаа се Американци. Главната промена е на клупата која ја презеде професорот по Кошарка, Боро Даскаловски, од неодамна и член на стручниот штаб на македонската репрезентација.

Ждрепката за квалификациите не му беше наклонета на Пелистер, јасно е дека во ова натпреварување учествуваат клубови од посилни лиги, но битолскиот тим го доби четвртфиналистот од минатата сезона Реџана од Италија, екипа со исклучително високи амбиции во ова натпреварување. Претходната кампања Реџана имаше несреќа во четвртфиналето да ја добие моќната Уникаха од која убедливо загуби, во друг случај ќе можеше да се надева на пласман на завршниот турнир. На македонската јавност, Реџана ѝ е позната по тоа што таму, своевремено како тренер работеше некогашниот селектор на нашата репрезентација Заре Марковски.
„На секој план, Пелистер е на едно високо ниво и затоа од мене, очекувањата се големи. Ни помалку, ни повеќе, играме во Лигата на шампионите каде во првото коло се среќаваме е со силната Реџана, екипа од италијанската Серија А, реномиран противник со долга и успешна историја. Исклучително квалитетен тим каде тренер е грчкиот стручњак Пифтис кого добро го познавам. Странците се сериозни, играат на високо ниво многу години и тоа е едно поинакво ниво за нас, а за мене е чест и задоволство што можеме да излеземе на терен со таков ривал“, рече Даскаловски пред заминувањето за Самоков.
Натпреварот меѓу Пелистер и Реџана е на програмата денеска од 15:30 часот. Во случај да не успее да се пласира во главната фаза, битолскиот тим има можност да продолжи во ФИБА Европа купот каде би играл во група со хрватската Цедевита Јуниор, кипарскиот Керавнос и најверојатно словачкиот Патриоти Левице.


