Македонскиот суперлигаш Пелистер го доживеа четвртиот пораз во групната фаза од ФИБА Европа купот и со тоа дефинитивно ги загуби сите шанси за пласман во топ-16.
На битолчани им беше потребна победа на денешното гостување кај Приевидза, но загуби со 82-97 и нема никаква можност да дојде до второто место во групата. Во последното коло, против Керавнос на домашен терен, Пелистер ќе се обиде да ја избегне последната позиција.
Денешниот натпревар беше решен уште во првото полувреме кое Словаците го добија со 49-33. По водството на Пелистер со 5-4, домашната екипа направи серија од 19-6 и мошне рано поведе со 12 поени разлика. Во вториот тим нашиот тим се доближи на -5 (22-27), но следуваше нов бран на Приевидза која пред крајот на полувреме отиде на +20 (49-29). Највисоката предност на словачкиот претставник достигна и 24 поени, за во финишот Пелистер да направи серија од 9-0 и да го ублажи поразот.
Кевин Брејси Дејвис со 19 поени беше најефикасен во тимот на Пелистер, а како и минатата недела против Цедевита Јуниор, разочара Остин Прајс кој за 21 минута не постигна ниеден поен и мечот го заврши со шут од игра 0/8.


