По Андрија Бојиќ и Брајан Антоан, актуелниот вицешампион на Македонија, Пелистер го договори и третото странско засилување за новата сезона.
Нов играч на битолчани е американскиот интернационалец Мајк Едвардс. Станува збор за 27-годишен американски кошаркар, висок 206 сантиметри кој треба да биде од огромна помош за тимот на тренерот Александар Петровиќ во борбата под обрачите. Едвардс има богато искуство од настапи ширум Европа, а последната сезона ја минал во грузискиот прволигаш Ткибули Орби каде бил еден од лидерите во тимот, со просек од 15,5 поени 6,8 скокови и 1,1 блокада по натпревар.
Претходно, Едвардс настапувал за Универзитетот Џорџија во НЦАА-лигата, по што играл во Канада, од каде доаѓа во европската кошарка и тоа во екипи од Азербејџан, Русија, Косово и Грузија, за летово да пристигне и во македонскиот шампионат како член на Пелистер. Едвардс е вкупно осмо засилување за Пелистер откако претходно беа ангажирани и Андрија Бојиќ, Бобан Стајиќ, Виктор Ташовски, Петар Бошалески, Дамјан Крстевски, Димитар Пандев и американскиот бек Брајан Антоан.


