Екипата на Пелистер ја победи Приевидза во второто коло од ФИБА Европа купот за својот прв триумф во меѓународните натпреварувања.
На домашен терен, битолскиот тим славеше со 90-83 и ги задржа шансите за пласман во следната фаза, односно за освојување на едно од првите две места на табелата во својата група. Натпреварот го одбележаа големите осцилации во играта на двете екипи и одличната трета четвртина на Пелистер.
Приевидза беше во водство безмалку цело прво полувреме, а највисоката предност изнесуваше седум поени (21-14). Сепак, Пелистер направи пресврт пред крајот на втората четвртина и на голем одмор замина со минимално водство од 41-40. Најважниот чекор кон победата, нашиот тим го направи кон средината на третиот период кога со серија од 11-0, првпат отиде на двоцифрена предност и поведе со 58-46.
Одличната игра придонесе на средина од последната четвртина Пелистер да дојде до највисоките +20 (81-61), но потоа дојде до неочекуван, голем пад во играта на нашиот претставник. Во следните три минути гостите направија серија од 18-0 и на 68 секунди пред крајот на мечот беше само +2 за Пелистер (81-79). За среќа, Малешевиќ ја прекина низата на гостите, потоа реализира уште еднаш за 85-81, а Вилсон на 15 секунди пред крајот стави крај на сите дилеми со две погодени слободни фрлања.
Остин Прајс беше најдобар играч во тимот на Пелистер со 25 поени, Малешевиќ постигна 18 поени со девет скока, а Вилстон додаде 13 поени. Во третото коло, идната недела, нашиот тим го очекува гостување кај Кипар, Керавнос кој денеска загуби од Цедевита Јуниор со 82-105 на домашен терен и се наоѓа на последното место на табелата без бодови.


