Кошаркарскиот клуб Пелистер и компанијата Таскфорс се јавуваат во улога на организатори на завршницата на Купот на Македонија во машка конкуренција. Пелистер последните 4-5 години е во постојан развој, покрај видливите резултати кои ги оствари (две финалиња по ред, два пати најуспешна екипа во основниот дел од сезоната, трета сезона во АБА 2 лигата), минатата година направи еден исчекор на организациски план за што најзаслужен е генералниот спонзор Таскфорс кој го презеде управувачкиот пакет во клубот.
Со тоа, се во клубот оди како подмачкано, се шири на секој план, отвори своја канцеларија во салата „Боро Чурлевски“ и организацијата на Купот на Македонија го смета како уште еден чекор напред во обидот Пелистер да биде битен фактор во македонската кошарка и она што се случуваше досега, да продолжи така и во иднина.
Битола ќе биде домаќин на завршницата од Купот на Македонија првпат по 17 години, а Пелистер ќе се обиде да го освои првиот трофеј во својата историја. Сепак, покрај амбициите што ги имаат на натпреварувачки план, Кошаркарскиот клуб Пелистер и компанијата Таскфорс имаат една заедничка цел – Купот на Македонија да биде кошаркарски и спортски спектакл.


