По поразите од Гостивар во домашното првенство и Џокер во АБА 2, екипата на Пелистер денеска го совлада Кожув пред своите навивачи и им се врати на победите.
Битолскиот тим славеше со 92-87 со што остана во чекор со водечките екипи на табелата. Можеби се очекуваше поубедлива победа, но и Кожув покажа дека е квалитетна екипа која има што да каже во македонското првенство.
Пелистер долго се мачеше да го наметне своето темпо, во првата четвртина поведе со пет разлика, но гостите брзо се враќаа во игра и не дозволија предноста на противникот да стане недостижна. Израмнето беше безмалку цело прво полувреме со тоа што и Кожув неколку пати премина во водство. Дури пред крајот на третиот период Пелистер отиде на двоцифрена разлика (68-55), но и таа не се покажа доволна за триумф.
На помалку од три минути пред крајот, Кожув направи неочекуван пресврт и по тројката на Стевановиќ поведе со 79-77. Клучен играч на Пелистер беше Лука Стојановски кој во серијата од 8-0 на Пелистер учествуваше со две тројки и на 81 секунда пред крајот домаќините имаа 85-79. Во пенал завршницата домаќините беа сигурни и дојдоа до четвртата победа сезонава.
Антоан постигна 21 поен и 8 скока и го предводеше Пелистер во чии редови шестмина кошаркари реализираа двоцифрен број поени. На спротивната страна блескаше Стевановиќ со 30 поени и 10 скока.


