МЗТ Скопје не дозволи втор пораз во низа од Пелистер и вечерва во својот дом славеше со 80-75 во првиот меч од полуфиналето на плејофот.
Битолчани имаа шанса со брејк да го дочекаат шампионот пред своите навивачи, но уште еднаш се покажа победничкиот менталитет на тимот од Аеродром. Кога беше најпотребно, кошаркарите на МЗТ Скопје беа најдобри и го сочуваа домашниот терен.
МЗТ подобро го почна натпреварот, по девет минути игра водеше со огромни 12 разлика (27-15) и се чинеше дека уште во тие моменти го решава прашањето околу победникот. Пелистер потоа почна да игра како што се знае, во вториот период стигна до два поена негатива, но шампионот замина на голем одмор со предност од 39-35.
Првиот пресврт се случи кон средината од третата четвртина. По 43-40 за МЗТ, гостите направија серија од 10-0 за водство од седум разлика кое, сепак, не го сочуваа до крајот на кварталот затоа што МЗТ ја стегна одбраната и не дозволи противникот да се размавне. Пред крајот на четвртината, домашниот тим го направи својот пресврт. Од 49-53, МЗТ Скопје направи 15-2, а икс-фактор во таа серија беше Андреј Маслинко кој поради повреда пропушти голем дел од сезоната, а сега покажа колку е значаен за тимот. Крилниот играч постигна шест поени во низа, подоцна уште два со положување и МЗТ на седум минути пред крајот водеше со 68-60.
Пелистер успеа да анулира дел од негативата, ама повторно се појави Маслинко за 71-64. На нешто помалку од две минути пред крајот, гостите се доближија на 73-77, но Танасковиќ погоди во клучен момент за Маслинко од линијата за слободни фрлања да стави точка на натпреварот.
На крајот, Маслинко беше најефикасен кај МЗТ Скопје со 15 поени за помалку од 20 минути поминати на теренот. Дејвис и Малешевиќ го предводеа Пелистер со 23, односно 21 поен.
Вториот натпревар од оваа полуфинална серија ќе се игра во текот на претстојниот викенд во салата „Боро Чурлевски“ во Битола.


