Актуелниот македонски вицешампион Пелистер е казнет со вкупна сума од 84 илјади денари за инцидентите на третиот натпревар од полуфиналната серија против Работнички, одигран во петокот во Битола.
Од таа сума, 40.000 денари се за комесарот за безбедност, а останатите 44 илјади денари се за слаба редарска служба, плукање кон службениот претставник на Работнички, слаба организација и неспортско навивање на домашните навивачи.

Овие одлуки наидоа на револт кај Кошаркарскиот клуб Работнички кој се јави со ново соопштение како реакција на казните.
„Кошаркарскиот клуб Работнички АД е згрозен од донесување на ваквата одлука кон КК Пелистер. Носењето на вакви мали казни за голем и сериозен прекршок од страна на КК Пелистер, како домаќин, докажавте дека имате различни аршини за различни клубови.
Да ве потсетиме Комесаре за натпреварување за многу помал инцидент во оваа натпреварувачка сезона Вие донесовте одлука на празнење на салата и повторно одигрување на истиот тој натпревар.
Навистина не ни е јасно зошто ние, КК Работнички АД, ви сметаме???
Зошто ваков однос кон македонски клуб, кој опстојува повеќе од 70 години и се вложува во афирмација на спортот но истовремено и во создавање на таленти?????
Комесаре, Вашите одлуки се премногу конфузни и не тераат да размислиме дека сте страствени кон некои клубови, со еден збор сте подржувачи на одредени клубови.
Комесаре затоа упатуваме до Вас лично прашање :
- Дали веќе однапред го знаете победникот на ова домашно првенсто ?
- Дали сѐ се одвива по Вашите лични пресметки ??
Донесувајќи ваква одлука со која покажувате нееднаков третман кон македонските кошаркарски клубови дали имате доблест да си дадете неотповликлива оставка во најбрз временски период???????“, стои во новото соопштение од Работнички.


