Откако не успеа да ги мине квалификациите за Лигата на шампионите, македонскиот прволигаш Пелистер ќе го продолжи својот пат во ФИБА Европа купот каде му се познати два од трите можни противници.
Засега се знае дека ќе се сретне со Цедевита Јуниор од Хрватска и Керавнос од Кипар, а иако се очекуваше последниот член на ова друштво да биде словачкиот Левице, ситуацијата малку се искомплицира затоа што оваа екипа се пласира во финалето од квалификациите за Лигата на шампионите. Во очекување на последниот ривал, познато е кога и каде Пелистер ќе го одигра првиот натпревар во својата историја во ФИБА Европа купот.
Тоа ќе се случи на 15 октомври од 19 часот во арената „Дражен Петровиќ“ во Загреб каде Пелистер ќе ѝ гостува на Цедевита Јуниор. Хрватскиот тим сезонава нема да учествува во АБА 2 лигата и целото внимание ќе го насочи на натпреварувањето на ФИБА. Двете екипи веќе одиграа еден меѓусебен меч, на 20 декември 2023 година во АБА 2 и тогаш триумфираше Цедевита Јуниор со 78-74.
Својот прв меч на домашен терен во ФИБА Европа купот, Пелистер ќе го одигра на 22 октомври, но противникот ќе го дознае в четврток.


