Вицешампионот Пелистер се врати на делба на третата позиција на табелата по денешниот триумф во директниот дуел со Чаир.
Битолчани славеа со 85-55 за 13. победа во првенството. Триумфот е одмазда за поразот од Чаир во првиот дел од сезоната кој на крајот може скапо да го чини составот предводен од Дарко Радуловиќ.
Единственото водство на мечот, гостите го имаа во воведниот дел, со 4-3. Пелистер одговори со серија од 11-0, а потоа доминираше до крајот на натпреварот. На полувреме се замина со 41-26, во третиот период Чаир намали на 36-43, но тоа беше се од овој тим. Пелистер постепено ја зголемуваше предност, до највисоките +30 колку што заврши дуелот.
Радуловиќ им даде минутажа на сите играчи, најефикасен беше Магдевски со 19 поени, а Јуре Планиниќ додаде 15 поени и 9 скока. Ваљмир Какруки го предводеше Чаир со 14 поени и 9 скока.


