Вицешампионот на Македонија, Пелистер е единствен што подготовките во пресрет на новата сезона ги одработува надвор од земјава.
Деновиве, битолчани за на финални подготовки на Златибор каде, меѓу другото, ќе одиграат и два пријателски натпревара, против Приморје од Херцег Нови и домаќинот Златибор, еден од најсилните тимови во АБА 2 лигата. Сето тоа треба да помогне во кревањето на формата пред новата сезона во која првпат во својата историја Пелистер ќе учествува во четири натпреварувања. Првото од нив е Суперкупот во кое ќе дебитира и повторно ќе се обиде да дојде до првиот трофеј во своето постоење.
„Пред една година рековме дека правиме сериозен клуб на здрави темели. Лани целта ни беше целосна финансиска стабилизација и максимално успеавме во тоа, сега сакаме да одиме чекор напред од секој аспект, како организациски така и резултатски. Заминување на подготовки надвор од сопствената сала е нешто сосема нормално во модерниот спорт, тренд што за жал во кошарката веќе извесно време е напуштен.
Наша обврска како управа е Пелистер да функционира на највисоко ниво и кошаркарите и стручниот штаб да ги имаат најдобрите можни услови, овие подготовки се само потврда на нашите заложби“, вели директорот на Пелистер, Филип Ивановски.
Во период од три дена битолскиот клуб ќе забележи два историски момента: дебито во Суперкупот на 28 септември против МЗТ Скопје и првиот меѓународен меч во Битола, на 1 октомври против Широки.


