Македонскиот вицешампион Пелистер имаше можност со три победи да го заврши АБА 2 турнирот во Нови Сад, но за малку не ја искористи шансата.
По победите против Шибенка и Хелиос, денеска битолскиот тим доживеа минимален пораз од Сутјеска со 78-79. Неуспехот во овој дуел може скапо да го чини Пелистер во борбата за пласман во плејофот бидејќи со триумф можеше да се искачи на седмото место, а вака е осми, но со ист биланс со денешниот противник и Цедевита Јуниор.
Клучен за поразот на Пелистер денеска беше лошиот влез во мечот. Сутјеска отвори со 14-0, а првиот кош, нашиот тим го постигна во шестата минута. Во натамошниот дел од натпреварот Пелистер се врати во игра, но потроши многу енергија за тоа. Секогаш кога ќе ја стигнеше негативата, Сутјеска правеше серија и пак се одлепуваше, па битолчани, практично, постојано бркаа негатива.
Драмата се случуваше во последните моменти. На помалку од три минути пред крајот Магдевски погоди тројка за водство од 74-73, Баровиќ и Митровиќ потоа со пет поени по ред ја однесоа Сутјеска на 78-74, а Сапунџиев со тројка ја врати неизвесноста (77-78). По загубената топка на противникот, Костоски имаше можност да го донесе Пелистет и во водство, но само еднаш беше прецизен и го израмни резултатот. Во следниот напад и Томашевиќ погоди само едно слободно фрлање, па Пелистер ја доби последната шанса за победа. За жал, Најт беше непрецизен и македонскиот тим остана на четирите победи во АБА 2 сезонава.
Магдевски со 17 поени беше најефикасен кај Пелистер, но најдобар играч повторно беше Планиниќ кој постигна 15 поени и 12 скока за индекс 28. На последниот турнир што ќе се одржи во Широки во март, Пелистер ќе игра со Борац Бања Лука, Подгорица и Спартак, екипи кои се пред него на табелата.


