Шести пат по ред и седми вкупно, екипата на МЗТ Скопје е освојувач на пехарот во Суперкупот на Македонија.
Аеродромци вечерва го совладаа дебитантот во ова натпреварување Пелистер со 78-64, потврдувајќи ја доминацијата во домашната кошарка. Вицешампионот одигра одлично прво полувреме, најави дека може да направи изненадување, но немаше сили да го оствари тоа.
Израмнето се играше до 13. минута кога Пелистер ја почна серијата од 9-0, благодарение на тројките на Мишковски (2) и Антоан за водство од 34-24, највисоко за овој тим на натпреварот. МЗТ Скопје одговори со 8-0, Пелистер ја задржа предноста до крајот на првото полувреме, но во вториот дел, особено во последната четвртина целосно се сврте ситуацијата на страната на шампионот.

МЗТ Скопје постепено ја зголемуваше предноста, на стартот од последниот квартал отиде на двоцифрена разлика (61-50), а во финишот од мечот поведе и со највисоки +17 (78-61) што сепак беше превисоко во однос на она што се случуваше на теренот.
Слај со 14 поени го предводеше МЗТ Скопје, Крстевски додаде 13, а Маслинко 12. Најсветла точка во тимот на Пелистер беше Андрија Бојиќ со 26 поени и 8 скока за индекс 34 што, сепак, не беше доволно за победа на неговиот тим. За Пелистер ова е петти пораз по ред во дуелите за титула против МЗТ Скопје.


