Вицешампионот Пелистер го одбрани домашниот терен откако по голема борба, славеше во дуелот со Феникс со 71-67.
Овој меч беше и најава за мечот на овие две екипи во четвртфиналето од Купот на Македонија кој ќе се игра в четврток во Битола. Феникс пред денешниот натпревар беше во серија од четири победи и без пораз во 2024 година, но не издржа во второто полувреме.
Гостите одиграа фантастична прва четвртина во која постигнаа безмалку третина од вкупниот број поени на овој меч. Многу рано направија двоцифрена предност, а на стартот од вториот период го достигнаа и највисокото водство, од 14 разлика (24-10). Така беше до средината на вториот квартал по што Пелистер почна да се враќа и пред полувремето се доближи на -3 (31-34).
Феникс го одби тој удар, но во третата четвртина двете екипи повеќе пати се сменија во водство, пред Пелистер да ја преземе контролата над резултатот. Иако во ниеден момент битолчани не успеаја да направат голема разлика и да го решат прашањето околу победникот, не му дозволи на противникот ни да дојде до израмнување. Феникс ја имаше својата шанса на 20-тина секунди пред крајот, при водство на Пелистер од 70-67, но гостите ја загубија топката и бодовите останаа во Битола.
Планиниќ со 21 поен беше најефикасен кај Пелистер, но Андреј Магдевски одигра ол раунд меч, постигнувајќи 11 поени, 9 асистенции и 7 скока. Џонс го предводеше Феникс со 24 поени, а битолчани завршија одлична работа со тоа што го запреа најдобриот противнички кошаркар Џо Рис на само пет поени за 25 минути.


