Денеска од 18:30 часот во Битола се игра третиот натпревар од полуфиналната серија во македонското првенство меѓу Пелистер и Работнички.
По првите два меча, одиграни во Скопје, резултатот е 1-1 со тоа што Пелистер ја презеде предноста на домашниот терен и со две победи пред своите навивачи ќе обезбеди трето финале во низа. На помош ќе ја има својата публика која верува дека сега е моментот тимот да дојде до првиот трофеј во својата историја.
Битолчани беа мошне сигурни на домашен терен во текот на основниот дел од сезоната и претрпеа само два пораза од кои едниот токму од Работнички, уште на почетокот од првенството. Од друга страна, 15-кратниот шампион на Македонија на последните 17 натпревари оствари 16 победи, но единствениот неуспех е од Пелистер во првиот меч од полуфиналната серија.
Победникот од денешниот дуел ќе има голема психолошка предност пред четвртиот натпревар кој би можел да го реши прашањето околу патникот во големото финале.


