Екипата на Пелистер денеска го одржа првиот тренинг во арената Самелион во Самоков каде утре почнуваат квалификациите за новата сезона во Лигата на шампионите.
Противник на битолскиот тим во првото квалификациско коло е италијанската Реџана против која Пелистер не само што е аутсајдер, туку и ќе настапи ослабен. Во Самоков замина без двајца од петтмине американски кошаркари што само по себе е огромен хендикеп, а ротацијата на тренерот Боро Даскаловски е значително скратена.
На турнирот во Самоков, Пелистер ќе биде без центарот Ленгстон Вилсон, како и Џордан Скипер Браун. Како што објавија од клубот, Вилсон пристигнал во Битола, тренирал со екипата и одигра пријателски натпревари, но доцнењето на документацијата и пристигнувањето на сертификатот по последниот рок одреден од ФИБА за пријавување играчи за квалификациите за ЛШ е причината поради која тој нема да биде во тимот на „пелистерци“ во Самоков.
Со Браун ситуацијата е нешто покомплицирана. Поради семејни причини, тој морал да се врати назад во САД по само неколку дена минати во Битола, па во претстојниот период Пелистер ќе доведе нов кошаркар на негово место.


