Со денешниот дуел меѓу Подгорица и Пелистер во црногорската престолнина, завршуваат настапите на македонските екипи во второто коло од АБА 2 лигата.
Минатата недела порази доживеаја Работнички и МЗТ Скопје, па битолскиот клуб ќе се обиде да ја спаси честа на нашите клубови во регионалното натпреварување. Во првото коло, Пелистер го победи Широки на домашен терен, а со евентуален триумф вечерва ќе се доближи до пласманот во следната рунда од АБА 2. На мегдан со Подгорица, Пелистер оди со серија од три победи и по триумфот против актуелниот шампион на Македонија, МЗТ Скопје во саботата.
Сепак, воопшто нема да биде лесно за Пелистер и ако се земе предвид квалитетот на ривалот и ако се земе предвид традицијата. Подгорица лошо ја почна новата сезона, во првото коло загуби дома од Џокер, потоа доживеа пораз и во домашното првенство што предизвика тренерска смена и на позицијата шеф на стручниот штаб дојде селекторот на репрезентацијата на Црна Гора, Бошко Радовиќ.
Во однос на традицијата, Подгорица и Пелистер досега се сретнаа три пати во АБА 2 лигата и во сите три меча славеше црногорскиот тим. Нашиот претставник најблиску до победата беше минатата сезона (21 март 2024) кога во последната четвртина имаше предност од 12 разлика, но дозволи пресврт во завршните седум минути и загуби со 81-86.
Денешниот натпревар се игра од 18 часот, а тренерот на Пелистер, Александар Петровиќ соопшти дека играчите се во добра состојба, со исклучок на Андрија Бојиќ кој има мала повреда.


