Вицешампионот на Македонија, Пелистер славеше на гостувањето кај Охрид со 85-77 и остана во игра за првото место на табелата по основниот дел од сезоната.
Битолчани главно доминираа во „Билјанини извори“, имаа предност и од 15 поени разлика, но сето тоа можеше да падне во вода поради осцилациите во играта. На крајот, сепак, дојдоа до посакуваната цел и ја остварија 11. победа во првенството.
Гостите отворија со 13-4, на стартот од втората четвртина првпат имаа двоцифрена предност (30-20), а на три минути пред крајот на полувремето ги достигнаа највисоките +15 (47-32). Охрид не се предаде, на стартот од третиот период се доближи на 52-55, но Пелистер одговори со серија од 10-0 што беше решавачки момент на мечот. Во последната минута Охрид дојде на -6 (76-82), но немаше време за пресврт.
Ветеранот Костоски го предводеше Пелистер со 22 поена, а Планиниќ додаде 15. Кај Охрид, Бруер беше убедливо најдобар играч со 28 поени, додека Лајонс оствари дабл дабл со 14 поени и 10 скока, плус 6 асистенции,


