По двете победи на стартот од македонското кошаркарско првенство, поранешниот вицешампион Пелистер в среда го очекува уште еден историски натпревар.
Битолскиот клуб минатиот месец учествуваше во квалификациите за Лигата на шампионите, а откако не успеа да помине во главната фаза, се пресели во групите на ФИБА Европа купот. В среда го очекува првиот меч во ова натпреварување и тоа во Загреб, против екипата на Цедевита Јуниор. Двете екипи веќе се среќавале во АБА 2 лигата, но сега ќе играат меѓу себе на друго ниво. Новиот тренер на Пелистер, Борче Даскаловски не дозволува овој тим да се опушти по две рутински победи, јасно ставајќи до знаење дека очекува значителен напред во периодот што следи, особено во играта во одбрана.
„Како што веќе реков, чест ни е што како клуб ја претставуваме македонската кошарка во натпреварувањата на ФИБА и заедничка желба е што подобро да се претставиме во ова натпреварување. Цедевита јуниор е квалитетна екипа што ја почитуваме, добро покриена на сите позиции, тим што инсистира на брз напад и транзиција, што игра агресивно на топка во одбраната. Она што ќе треба да го сториме е ние да го диктираме темпото, да не дозволиме да влеземе во ритамот на противникот. Знаеме дека нема да биде лесно, но ќе сториме се веќе на првиот меч од ФИБА Европа купот да стигнеме до позитивен резултат“, истакна стратегот на Пелистер.
Битолскиот клуб вечерва заминува за Загреб, а мечот со Цедевита Јуниор се игра в среда од 19 часот.


