Вечерва во Бостон почнува финалната серија од НБА лигата во која Селтикс ќе се сретнат со Далас, а синоќа тренерот Џо Мазула и играчите имаа средба со претставниците на медиумите.
Но, на средбата не беа присутни само новинари, туку и едно добро познато име во светот на фудбалот. Станува збор за менаџерот на Манчестер Сити, Пеп Гвардиола кого камерите го фатија како разговара со Мазула.
Темата на разговорот не е позната, а двајцата комуницирале околу две минути. Гвардиола веројатно нема големи познавања од кошарката, но секако знае како се освојуваат титули и како се прави тим со шампионски менталитет. За Мазула ова е прво финале во кариерата во втората сезона како главен тренер на една НБА екипа.


