Поранешниот центар на Бостон, Оклахома, Кливленд и Њу Орлеанс, сега телевизиски аналитичар Кендрик Перкинс жестоко удри по Никола Јокиќ кого многумина го сметаат за најдобар кошаркар на денешнината.
Србинот со Денвер доживеа елиминација во првото коло од НБА плејофот, а од 2023 година, кога ја освои шампионската титула, ниеднаш не стигна ни до конференциското финале. Сето тоа, наспроти одличните бројки што ги бележи во основниот дел од сезоната каде претходните две години имаше трипл дабл просек. Перкинс реагираше на изјавата на Јокиќ дека ако Денвер бил од Србија, сите би добиле откази, но и изнесе низа критики на играта на трикратниот МВП.
„Не сме во Србија, а Јокиќ беше растурен од Минесота. Бевме толку подготвени да го ставиме овој човек над најдобрите на сите времиња поради одредени бројки што ги постигнуваше во регуларната сезона. Тој има една НБА титула. Всушност, не мислам дека Јокиќ ќе освои уште една до крајот на кариерата. Беше тотално разоружан од кошаркарите на Минесота, Гобер го стави в џеб и мислам дека на францускиот кошаркар треба да му се извиниме за некои од коментари во минатото. Јокиќ никогаш не го намирисал најдобриот дефанзивен тим во НБА, затоа треба да оладиме малку со комплиментите кон него“, рече Перкинс во анализата на шестиот меч од серијата меѓу Минесота и Денвер.
Освен тоа што не успеа да го однесе тимот во следната фаза од плејофот, Јокиќ низ серијата со Минесота покажа и голема доза на нервоза, предизвика две тепачки со противничките кошаркари, една во четвртиот и една во шестиот натпревар и со тоа покажа дека го губи тлото под нозете кога му е најпотребен на Денвер. Освен тоа, беше очаен во шутот во последните четвртини од речиси сите натпревари на што се должат и поразите на Нагетс.


