Вечерва од 20:15 часот во Пиреја се игра пријателски натпревар меѓу Олимпијакос и Макаби, а главен дел од тој настан ќе биде свеченоста посветена на легендата на грчкиот клуб Јоргос Принтезис.
Поранешниот грчки репрезентативец пред две години ја заврши својата играчка кариера, а вечерва Олимпијакос ќе му укаже најголема почит со тоа што од употреба ќе го повлече дресот со број 15. Со тоа, Принтезис ќе стане само втор играч во историјата на Олимпијакос кому му е повлечен бројот, по Василис Спанулис (број 7) кој го доживеа тоа лани.
На натпреварот што ќе се игра во арената „Мир и пријателство“ ќе има голем број гости, а меѓу нив и претседателот на Кошаркарската федерација на Македонија и поранешен играч на Олимпијакос, Перо Антиќ. Нашата легенда играше со Принтезис во двете сезони како член на Олимпијакос и со него освои две титули во Евролигата, во 2012 и 2013 година.


