Селекторот на српската репрезентација Светислав Пешиќ се наоѓа пред најголемиот предизвик откако е на функцијата.
Неговиот тим утре се среќава со САД против кои веќе два пати загуби ова лето, но тие порази беа безболни. Едниот беше на пријателски меч, а вториот во првото коло од Олимписките игри, па од овој аспект може да се каже дека им послужија на Србите да ги видат квалитетите на својот ривал. Пешиќ е свесен колку се силни Американците, но од друга страна верува во своите кошаркари.
„Играме, според моето мислење, против најдобрата репрезентација на сите времиња, без исклучок. Американците повеќе не се само добри индивидуалци, туку растат како тим. Ги респектираме, но се респектираме и себеси, не се плашиме од никого и сакаме добар натпревар. Не се закануваме, ама веруваме во себе“, вели Пешиќ.
Србија покажа карактер во четвртфиналниот меч против Австралија кога имаше негатива од 24 поени разлика, но сепак стигна до победата по продолжение.


