Селекторот на српската репрезентација Светислав Пешиќ го објави поширокиот список од 16 кошаркари од кои ќе ги избере финалните 12 за Олимписките игри во Париз.
Она што е најважно за пошироката кошаркарска јавност е што на списокот се наоѓа и Никола Јокиќ, но такво нешто беше најавено и претходните денови во изјави на Пешиќ за медиумите во Србија. Ова не значи дека играчот на Денвер сигурно ќе патува во Париз бидејќи досега нема никаква потврда од него дека ќе настапи на Олимписките игри.
Подготовките на српската репрезентација почнуваат на 24 јуни, а со пријателски натпревари ќе стартува на 5 јули. Планирано е да игра со Холандија и Турција зад затворени врати, потоа против Франција во Лион, па Австралија и САД во Абу Даби и генералната проба против Јапонија на 21 јули во Белград.
Со оглед на тоа што е светски вицешампион, Србија има загарантиран пласман на Олимписките игри каде што ќе биде во група со САД, Јужен Судан и една репрезентација од квалификациите.


