На нешто повеќе пд четири месеци пред стартот на Олимписките игри во Париз, се уште е нејасно дали Никола Јокиќ ќе ја предводи српската репрезентација.
Последен пат, тој играше за националниот тим на Европското првенство пред две години, лани го пропушти Мундијалот, а селекторот Светислав Пешиќ уште не е начисто дали ќе може да смета на еден од најдобрите светски кошаркари во моментов. Во исто време, раскажа што се случувало лани и зошто Јокиќ одби да игра на планетарниот шампионат на кој Србија го освои сребрениот медал.
„Луѓето од кои најмногу се очекува, мораат да бидат физички и психички подготвени бидејќи тие ја преземаат одговорноста, тие се најдобри. Така е и по прашањето околу Јокиќ. Ако тој е одморен, нема дилема дали тој припаѓа на оваа група.
Еве, ќе ви објаснам. Минатата година тој не се чувствуваше добро откако одигра повеќе од 100 натпревари, се испразни тотално, едноставно, кошарката не беше негов приоритет. До последен момент беше во дилема дали може или не може.
Јас му реков да се одмори и да дојде малку подоцна на подготовките. И кога дојде до крај на дилемата ми одговори: Не, мене би ми било срам да дојдам како некој голем Јокиќ, како некој МВП, не сакам јас тоа. Јас сакам – или играм и доаѓам од првиот ден или воопшто не влегувам. Приоритет е репрезентацијата и кошарката. Е, тоа го прават најдобрите и затоа се најдобри“, откри Пешиќ.
Оваа година ќе биде многу потешко да заигра Јокиќ ако успее да го повтори ланскиот успех и ја одбрани титулата во НБА со Денвер Нагетс. За разлика од Светското првенство кое почна пред крајот на август, Олимписките игри стартуваат на 26 јули што значи дека кошаркарите нема да имаат речиси воопшто одмор меѓу крајот на клупската сезона и почетокот на репрезентативните обврски. Сезоната во НБА, заклучно со финалето би можела да трае до 23 јуни (ако се играат максимален број натпревари), а тоа остава помалку од пет недели за одмор и подготовки. Јокиќ досега има одиграно 63 натпревари, до крајот на основниот дел остануваат уште 16 во кои тешко дека ќе добие одмор поради жестоката битка за првото место на Западот, а потоа следува плејофот со уште најмалку 20 натпревари.


