Селекторот на репрезентацијата на Србија, Светислав Пешиќ којзнае кој пат зборуваше за состојбата во која се наоѓа кошарката кај нашиот северен сосед.
Иако Србите имаат два евролигаша во Партизан и Црвена Звезда и редовно учествуваат на големите натпреварувања, Пешиќ тврди дека ситуацијата е алармантна и дека во блиска иднина претстои бродолом. Како главен виновник за ваквата состојба ја посочи АБА и уште еднаш повика на формирање силна српска лига. Во налетот на гнев, тој ги прозва поранешниот тренер на МЗТ Скопје, Змаго Сагадин и некогашниот селектор на Хрватска, а сега на Бразил, Александар Петровиќ кои цврсто стојат зад регионалното натпреварување.
„Мораме да правиме некоја нова српска кошарка, со нови планови, идеи и приоритети. Прво и основно што треба да се направи е да основаме професионална кошаркарска лига. Тоа што доаѓа од Сагадин и Петровиќ.. тие беа добри тренери, двајцата многу ги ценам, но немојте вие да не учите што треба да правиме. Вие вршете си ги своите работи, АБА лигата е надмината, таа на сите им донесе по малку, но ние повеќе немаме интерес да играме и бираме да играме и создаваме наша српска лига“, смета Пешиќ.
Неговите зборови само делумно имаат покритие бидејќи само преку АБА, Партизан и Црвена Звезда имаат влез во Евролигата. Ако не постои регионалното натпреварување, прашање е дали белградските гиганти ќе играат таму и покрај големите финансиски средства кои претежно доаѓаат од државата.


