Селекторот на српската репрезентација Светислав Пешиќ е подеднакво почитуван во Србија и Германија поради успесите што ги оствари во двете држави.
Србија и Германија лани играа во финалето на Светското првенство, а годинава се бореа за бронзата на Олимписките игри. За 74-годишниот стручњак, кој го освои својот прв олимписки медал, тоа е неправда.
„Јасно е дека двете репрезентации, Србија и Германија заслужија да играат во финалето. Не провоцирам никого, но тоа е сосема јасно“, изјави, меѓу другото, Пешиќ по мечот за третото место.
И неговата и германската репрезентација имаа забелешки на судењето во полуфиналето. Србија таму загуби од САД, а Германија од домаќинот Франција, па љубителите на теориите на заговор веднаш констатираа дека имало проектирано финале меѓу САД и Франција.


