Селекторот на српската репрезентација Светислав Пешиќ донесе одлука кои 12 кошаркари ќе ги бранат боите на оваа селекција на претстојното Европско првенство.
Во конкуренција беа 15 играчи, а последниот филтер не го поминаа Балша Копривица, Дејан Давидовац и младиот Никола Топиќ кој последната сезона паузираше поради повреда, но сепак освои НБА титула со Оклахома Сити Тандер. Покрај првата ѕвезда на тимот Никола Јокиќ, за Рига ќе патуваат овие играчи: Алекса Аврамовиќ, Стефан Јовиќ, Василије Мициќ, Богдан Богдановиќ, Марко Гудуриќ, Огњен Добриќ, Вања Маринковиќ, Филип Петрушев, Никола Милутинов и Тристан Вукчевиќ.

„Секогаш по крајот на подготовките доаѓа најтешката задача за еден селектор. Тренерот е тука да носи одлуки и да преземе одговорност. Сега беше навистина тешко да се донесе одлука кои 12 кошаркари ќе одат на Европското првентво. Разговарав со оние кои не одат и тие прифатија дека тимот е над сите. Тројцата кои не одат се одлични момци и горд сум на нив“, објасни Пешиќ.
Српската репрезентација се наоѓа во групата А во Летонија каде покрај домаќинот, за противници ќе ги има уште Естонија, Португалија, Чешка и Србија. Нема сомнение дека „орлите“ во оваа конкуренција се апсолутни фаворити за првото место, но според сите прогнози се први фаворити и за титулата на континенталниот шампионат.


