Српската кошаркарска репрезентација се соочи со низа проблеми од почетокот на Европското првенство откако прво се повреди Богдан Богдановиќ, а синоќа и Василије Мициќ.
Капитенот веќе ја напушти Рига и замина во САД, додека првите резултати од прегледите на Мициќ велат дека не се работи за посериозна повреда. На прес-конференцијата по мечот со Чешка, селекторот Светислав Пешиќ беше прашан дали новите околности ги менуваат амбициите на српската репрезентација, односно дали се откажува од борбата за златото, но одговорот на искусниот стручњак беше категоричен.
„Кај смееме да ги менуваме амбициите? Па, ќе не стрелаат. Не се менуваат во ниеен момент, без разлика дали сме со Богдановиќ или без него. Големите очекувања не се секогаш добри, јас на овие прес-конференции не зборувам само со новинарите, туку преку нив им се обраќам и на моите кошаркари. Најдобро е да не постојат големи очекувања, ние само сакаме да напредуваме од тренинг на тренинг“, посочи Пешиќ.
Србија утре ја очекува најголемиот тест на Европското првенство, против фантастичната Турција и тој меч ќе биде директен дуел за првото место во групата А.


