Иако сам не сакаше да поднесе оставка, Светислав Пешиќ ќе биде сменет од селекторската функција во српската репрезентација, односно нема да биде продолжен неговиот договор кој истекува на крајот од септември.
Медиумите кај нашиот северен сосед тврдат дека Кошаркарскиот сојуз на Србија (КСС) веќе почнал преговори за тоа кој ќе ја води селекцијата во иднина.
„Ревизијата на договорот на Пешиќ, според која тој би продолжил да работи и по Европското првенство, нема да се случи. Неговото заминување треба да биде потврдено до крајот на месецов“, пишуваат Србите.
Наводно, првиот стручњак со кого се водени начелни преговори е тренерот на Бешикташ, Душан Алимпијевиќ со кого се сретнал претседателот на КСС, Небојша Човиќ. Алимпијевиќ неодамна го продолжи договорот со Бешикташ, но ако постои желба од двете страни, тоа би требало да биде проблем затоа што тимот од Истанбул не игра во Евролигата и 39-годишниот стручњак би бил достапен за квалификациските прозорци.
Засега не е познато дали има и други кандидати за селекторската функција иако се спомнува поранешниот југословенски репрезентативец Саша Обрадовиќ.


