На специјална прес-конференција, попладнево во Белград е потпишан новиот договор меѓу Светислав Пешиќ и Кошаркарскиот сојуз на Србија со кој искусниот стручњак останува на функцијата барем уште една година.
Пешиќ се обврза на верност до 30 септември 2025, со можност договорот да биде продолжен на уште една година. Најважно од се е тоа што тој ќе ја води српската репрезентација на претстојното Европско првенство, а потоа ќе се одлучува како понатаму.
„Не ми беше намера да останам, малку се оддолжи ова. Имав други цели, планови и обврски, но успеавме тоа на друг начин да го регулираме. Немаше преговори, разговори бидејќи мислев дека ги завршив своите обврски кон репрезентацијата.
Се случи како што се случи, тука сум, но останувам на ставот дека мора да дојде некој нов. Помлад, бидејќи повозрасен од мене не можете да најдете“, рече, меѓу другото, Пешиќ.
Тој е селектор на Србија од 2021 година и со репрезентацијата освои сребро на Светското првенство во 2023 и бронза на Олимписките игри оваа година.


