Италијанскиот шампион Олимпија Милано со победа го заврши настапот на турнирот во Крит кој е генерална проба пред стартот на новата сезона, односно настапот во Суперкупот.
Во дуелот со својот голем ривал Виртус, Олимпија славеше убедливо со 73-62 со што го освои третото место откако вчера загуби од Фенербахче. Тимот од Милано доминираше во текот на целиот натпревар, првата четвртина ја доби со 27-19, на голем одмор замина со 44-30, а на осум минути пред крајот ги имаше највисоките 67-48. Виртус во финишот успеа да намали и делумно да го ублажи поразот, но останува впечатокот дека Олимпија во моментов е во многу подобра форма.
Откако вчера беше најефикасен во својот тим, Ненад Димитријевиќ денеска постигна пет поени, а прв стрелец на Олимпија беше Ледеј со 14. За оваа екипа, сезоната почнува идниот викенд кога во рамките на италијанскиот Суперкуп се среќава со Венеција во Болоња.


